Иако беше најавено дека до крајот на месец мај ќе биде пуштен во употреба автопатската делница Демир КапијаСмоквица, последната делница од Коридорот 10, тоа нема да се случи, па ниту ова лето нема да возиме по нов автопат до Грција.
Според информациите до кои дојде еМагазин, поради технички проблеми со приклучоците за осветлување, автопатот неможе да добие технички прием и да биде пуштен за сообраќај.
Според информациите на еМагазин од канцеларијата на Европската унија во Скопје од каде што се обезбедени дел од стредствата, поради тоа до крајот на септември нема да може да се вози по новиот автопат, кој е еден од најголемите инфраструктурни проекти кои се реализирале во Македонија во последните 20 години.
Автопатската делница Демир КапијаСмоквица е долга 28 километри. Трасата е надвор од демиркаписката клисура од десната страна на реката Вардар и поминува низ живописна природа и се одликува со благи кривини и угорнини.
Финансиската конструкција за целиот проект е тешка 271 милиони евра од кои 130 милиони евра се од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се ИПА грант на Европската унија, 107 милиони евра се од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра од Буџетот на Република Македонија.
Автопатот има по две сообраќајни ленти во секоја насока со ширина од 3,5 метри, изградени се два двоцевни тунела во должина од 1.200 метри и шест мостови. Автопатот има две клучки (кај Миравци и кај Смоквица), пет натпатници и седум потпатници.
Автопатот Демир Капија – Смоквица почна да се гради во септември 2012 година, а со неговата изградба се очекува да се скрати времето на патување и да се овозможи поголема безбедност во сообраќајот.
Првично беше најавено дека изградбата на автопатот ќе биде готова за 4 години, до септември 2016 година, но поради проблем со изведувачот на градежните работи грчката компанија „Актор“, рокот беше пролонгиран за мај годинава.