Денес за прв пат го посетив овој форум, мислејќи дека е форум за градежништво и урбанизам, но гледам дека сте на дебело заинтересирани и за политичка дискусија, особено за Македонија и за Македонците.
Како и да е, Скопје дефинитивно е пример за урбан и инфраструктурен хаос и пред 2008 година кога за прв пат беше јавно презентирана анимацијата за проектот Скопје 2014, а од 2008 година па наваму, ситуацијата само се влошува.
Не знам кој од вас гледа негативно на Македонците и на нивните ставови околу проектот Скопје 2014, но имајте разбирање - мнозинството Македонци не го поддржуваат овој проект, но истовремено не се противат на истиот, бидејќи од 2008 година кога започна светската економска криза па наваму, Македонците се зависни на големо од јавни проекти. Со над 30% невработеност, Македонците немаат баш нешто многу избор, младината ја напушта татковината во потрага по подобар живот во странство, но постарите кои не можат да си дозволат започнување од почеток во странство, ќе прифатат било каква работа се додека има некаква заработувачка од истата.
Не знам кога Сизиф последен пат бил во Скопје, но дефинитивно има што да се види и од другата страна на Камениот мост, кој вие Србите го нарекувате Душанов мост. Освен Чаир, која е населба со доминантно албанско население, ги имате и Бутел, Железара, Автокоманда, Ченто и ред други населби, од кои само Автокоманда е во непосредна близина на централното градско подрачје.
Јас воопшто не ви препорачувам да одите Кај Злате, не е повеќе тоа што беше, но затоа од се срце ви препорачувам во старата скоспка чаршија да отидете во посета на некоја турска гостилница или во гостилница на македонски муслимани, како на пример кај Осман Пчела, кои според мене лично, прават најдобри ќебапи во градот.
Во скопската населба Аеродром се градат 40 катни станбени згради кои ги гради турски инвеститор Џеваир Холдинг, а истиот инвеститор треба да гради елитна населба Сончев град. Јужно од Ново Лисиче, односно во населба Лисиче, владата гради станбени згради за продажба и за социјални случаи, населбата која изникнува на таа локација е најтазе пример за урбанистичко промашување, бидејќи се гради без никаков план за иден урбанистички развој, освен станбени објекти и улици кои допрва ќе треба да се градат, не се направени никакви планови за паркови и зеленило.
Кога сме кај парковите и зеленилото, нив се повеќе и повеќе ги снемува во Скопје, веќе 10 години по ред нема доволно зеленило за секој жител на градот. Единствени места на кои може да се избега од урбаниот хаос се Водно и Матка, како и парк шумата Гази Баба. На Водно од 2011 година има жичарница која од средно Водно води кон Милениумскиот Крст, а до средно Водно е обезбеден превоз со автобус, иако јас лично повеќе уживам во искачувањето и до средно Водно и до Милениумскиот Крст, многу поздраво и подобро е во споредба со автобусот и жичарницата. Но и Водно не е поштедено од урбанистичкиот хаос, се градат 4 и 5 катници на падините на планината, а последиците се чувствуваат секое лето во затворената стаклена градина наречена Скопје. Последиците од урбанистичкиот хаос се почувствуваа и во летото 2012 кога неквалитетно изграден потпорен ѕид на Водно се урна, за среќа предизвика само материјална штета, без човечки жртви и без повредени.
Градските власти, барем сеуште актуелниот градоначалник, кој можеби би бил сменет за 2 недели во вториот круг од тековните редовни локални избори 2013, иако лично не верувам дека ќе ги изгуби изборите, планира да гради класична трамвајска мрежа, која е предвидено да поминува низ едно од најтесните сообраќајни грла во центарот на градот - Вељко Влаховиќ/Димитрија Чуповски, уште попознато како Рекорд. Наместо брз трамвај или подземна железница, скопските власти планираат класичен трамвај, кој верувајте ми, нема да биде од ама баш никаква корист за скопјани.
На градскиот водовод не се сменети цевките со децении, на некои места сеуште се користат застарени цевки и азбестни цевки, зборуваме за труење за кое скопјани плаќаат од сопствен џеб, а никој не сноси одговорност, ниту е планирано било какво менување на старите цевки. Како капак на се, железарската индустрија во скопската населба Железара не користи индустриска вода, туку користи вода за пиење која доаѓа преку посебен водовод, а за потрошената вода железарската индустрија не плаќа ни денар, туку сметката ја плаќаат скопјани кога ги плаќаат своите сметки за вода за пиење.
Железарската индустрија во Железара и фабриката Охис во Кисела Вода се најголемите загадувачи на скопјани, а рафинеријата ОКТА секојдневно ги труе жителите на околните села во источниот дел на градот во кој се наоѓа рафинеријата.
Се на се, доколку барате некаков пример во Скопје, дефинитивно тоа е пример за урбан и инфраструктурен хаос.