Скопско кале
Трите средновековни цркви на скопското Кале
Во доцниот среден век, на скопското Кале, изворите соопштуваат, постоеле најмалку три црковни храмови кои се уште не се убицирани на теренот. Имено, Скопје, во времето на српскиот крал Милутин (1282 - 1321) постепено почнува да се издигнува во важен центар на овој дел од Балканот. Во негово време, во Скопје, се градат и обновуваат поголем број црковни храмови и манастири. Дел од манастирите располагаат со имоти во скопско, но и пошироко. За ова сведочат грамотите од времето на Милутин и царот Душан (1331 - 1355) каде поименично се спомнуваат сите имоти кои им биле подарени на конкретните манастири во Скопје.
Меѓу средновековните цркви кои се наоѓале во утврдениот град Скопје, со својата монументалност, предничел храмот посветен на Св. Богородица Троручица. Иако за прв пат се спомнува во грамотата на српскиот крал Милутин од 1300 година, сепак, се смета дека истиот постоел и порано. Подоцна, во времето на царот Душан, црквата станала седиште на Скопската митрополија. Токму во неа, на 16-ти април 1346 година, било извршено крунисувањето на Душан. Подоцна, на 21-ви мај 1349 година, во Скопје бил објавен и познатиот Душанов законик. Се претпоставува дека Законикот бил официјално објавен токму во црквата Св.Богородица Троручица.
По паѓањето на Скопје во османлиски раце, во 1392 година, црквата богородица Троручица постепено почнала да го губи својот сјај. Стотина години потоа, или поточно во 30-те години на XVI црквата била разрушена. Оттогаш повеќе не се спомнува во изворите.
Од времето на кралот Милутин се датира црквата Св.Прокопиј како и манастирот Св. Јован Крстител. И за овие два објекти се претпоставува дека се наоѓале на скопско Кале. Подоцна, по разурнувањето на црквата Богородица Троручица, манастирот Св.Јован Крстител станал седиште на Скопската митрополија. Разурнат е во 1688 година.
Како што веќе информиравме минатата седмица на Кале при ископувањата во близина на локацијата каде се претпоставува дека се наоѓала џамија од османлискиот период најдени се три фрагментарни остатоци од средновековни фрески. конзервацијата на истите се врши на лице место и притоа археолозите кои работат на ископувањето шпекулираат дека станува збор за археолошки материјал кој треба да се датира во 13 или 14 век.
http://istoricar.blogspot.rs/2007/04/blog-post_26.html
Маркови кули