СКОПСКИОТ ТРАМВАЈ ЌЕ МИНУВА ПО СРЕДИНА НА ПАРТИЗАНСКА ПРЕКУ РЕКОРД ДО НОВО ЛИСИЧЕ, ЦЕНТАРОТ ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ ЗА КОЛИ, СПОРЕД ПЛАНОТ НА ШИЛЕГОВ
Трамвајот кој градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе се гради во Скопје, ќе го затвори за сообраќај центарот на градот. Во најстрогиот центар, на улицата Димитрие Чуповски односно на Рекорд, нема да се движат коли, туку ќе биде дозволено да минува само трамвајот и автобусите од градскиот превоз.
Според сообраќајниот проект и техничкото решение изготвени од „Загребски електричен трамвај“ (ЗЕТ), се предвидува трасата да почнува од кружниот тек кај комплекстот Порта Влае, низ булеварот Партизански одреди преку Рекорд и Собранието, потоа да минува покрај зградата на Црвен крст кон Комплекс банки, Железничката станица, па преку булеварот Јане Сандански до крајната станица во Ново Лисиче каде сега е последната станица на автобуските линии 5 и 15.
„Според решението, се предвидува трамвајот да се движи низ средината на булеварот Партизански одреди. Низ Плоштадот и покрај кејот, поради градбите кои низ годините никнуваа не може да минува, па затоа ќе оди низ центарот на градот. Сегашната технологија овозможува до 2 километри од трасата да не биде приклучена на струја, што значи дека низ центарот може да не се поставува електрична мрежа“, вели градоначалникот Шилегов.
Шилегов на 26 декември за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека во соработка со збратимениот град Загреб, од јануари годинава се работело на техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, а вгодина се очекува да стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје кој ќе го помогне и Владата.
ШИЛЕГОВ ЌЕ ГРАДИ ТРАМВАЈ ВО СКОПЈЕ, ПРВАТА ТРАСА ОД НОВО ЛИСИЧЕ ДО ЃОРЧЕ ЌЕ ЧИНИ 150 МИЛИОНИ ЕВРА
Според првичните проценки, изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра. Парите ќе се бараат од европски фондови или од буџетот на Владата. Шилегов вели дека од 130 до 150 милиони евра за изградба на шините, депото и набавка на возила не е прескапо, особено ако се има предвид дека за набавката на двокатните кинески автобуси биле потрошени 80 милиони евра и повторно имаме проблем со јавниот транспорт во Скопје.
„Заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски ги разгледувавме финансиските можности. Во фаза сме да се обратиме до нашите европски партнери да го помогнат развојот на Скопје или Владата да одлучи да изврши финансирање. За мене е многу важно дека Градот конечно ги создаде условите да започне со реализација на овој проект, очекувам дека поддршката од Владата, како што најави и премиерот Заев, ќе биде сестрана и дека во текот на наредната година ќе почнеме со реализација на овој проект. Трамвајот во еден град го менува самиот град, го менува ликот на градот, навиките на граѓаните. Моите очекувања се дека со реализација на овој проект многу брзо јавниот транспорт во Скопје ќе стане финансиски исплатив имајќи предвид дека сега Град Скопје издвојува 9 милиони евра од буџетот за помагање на јавниот транспорт. Ова е едно трајно решение и повеќедецениска желба на скопјани“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА